Ако се прашувате како порано луѓето ги одржувале своите домови чисти пред да се појават индустриските средства за чистење, одговорот се наоѓа во паковањето во кое се наоѓа овој чудесен прав. На пример, со сода, еднаш месечно, додавајќи неколку капки лимон може да ги миете забите а резултатот ќе биде побели заби. Може да ја користите и како дезодоранс- нанесете под пазуви и непријатниот мирис ќе исчезне. Лажица сода бикарбона може да ве спаси и од тегоби на желудникот. Добро е да знаете дека помага и при убод од комарец. Еве неколку примени на сода бикарбоната.
Со нанесување на сода бикарбона на влажна крпа може да го исчистите фрижидерот од внатрешната и надворешната страна. Потоа доволно е да го измиете со обична вода. Исто така доколку чувате сода бикарбона во мал сад во фрижидерот кој ќе го менувате на секои 2 месеци со сигурност ќе се ослободите од непријатната миризба од намирниците во фрижидерот. Сода бикарбоната може да се користи и за чистење на рерната. Доколку станува збор за рерна која не се одржува редовно треба да се направи следно: навлажнете ја рерната и нанесете слој сода од страните и на дното и оставете да одстои 2 часа. Потоа испрскајте ја рерната со алкохолен оцет кој ќе го оставите уште неколку часа. На крај измијте со обична вода. Ако станува збор за рерна која редовно се чисти доволно е по секоја употреба да ја избришете внатрешноста со влажна крпа на која е нанесен лимон, оцет или сода бикарбона. Работата ќе Ви се олесни доколку на дното од рерната редовно имате алуминиумска фолија која што ќе ја менувате на одреден период откако ќе се извалка.