ПОД ОД ДРВЕНИ ПАЛЕТИ

  • 1

Дрвените палети доста често се користат во последно време за изработка на мебел, предмети за во дворот и градината, па дури и подови. Доколку реновирате или го украсувате Вашиот дом, а сакате да внесете нешто ново и интересно изработено од природни материјали кои што создаваат топла атмосфера, подот од палети е вистинското решение за вас.

Дрвените палети не само што го поедноставуваат просторот во кој престојувате туку помагаат и во зачувување на животната средина. Дополнително ќе заштедите затоа што палетите се поефтини од останатиот материјал од дрво. Може да се користат за изработка на најразлични предмети а како најинтересна намена се јавува изработката на под од дрвени палети. Неговата изработка е едноставна а потребно е трпение и страст за обликување на предмети. Резултатите се спектакуларни, а сатисфакцијата поради тоа што сте го изработиле сами ќе биде непроценлива.
 

За изработка на подот потребни се следниве материјали: 1. Дрвени штици (различна ширина- 5, 8, 10 и 12 сантиметри) изработени од палети, 2. Лепак за паркет или шајки, 3. Разредувач, 4.Восок или лак за дрво. Количината на материјалот зависи од површината која сакате да ја покриете со дрвените палети. Откако ќе се снабдите со дрвени палети, одстранете ги оштетените штици, односно сите физички препреки на истите како шајки, штрафови и можете да започнете со поставување на подот.

"ЕФТИНА ВАРИЈАНТА ЗА ИЗРАБОТКА НА ДРВЕН ПОД"

Најдобрата страна на изработи- сам подот е тоа што можете да го водите правецот на поставување на штиците како што Вие ќе посакате. На пример може да искомбинирате на следниот начин- ред штици со ширина од 5 цм, четири реда штици со дебелина 8цм, еден ред штици со ширина 10цм, два реда штици со ширина 12 цм. Ова е само една идеја, а Вие можете да изработите како сакате. Откако ќе го изберете редоследот по кој ќе ги поставувате штиците треба добро да ја исчистите подлогата. Често, дрвените подови се поставуваат на цементна кошулица која мора добро се исчисти од било каков вид нечистотија. Најпрвин се нанесува лепакот за паркет на цементната кошулица и започнува процесот на поставување на подот. Внимавајте да не ставите премногу лепак одеднаш затоа што може да настанат проблеми. Истиот многу брзо ќе се засуши а тоа не Ви одговара. Лепакот нанесувајте го согласно брзината на редење.



Доколку дрвениот под го поставувате на претходно поставен дрвен под, мора да бидете сигурни дека подлогата нема никаков дефект и оштетување. Може да го поставите и на керамички плочки а постапката е иста како и на цементна кошулица. Ако го поставувате новиот под врз веќе постоечкиот дрвен под во постапката ќе вклучите шајки со кои што ќе ги зацврстите штиците меѓутоа мора да внимавате подлогата да не биде оштетена. Пополнувањето на ситните дупки и недостатоци на подот може да го направите со примена на смеса направена од дрвени остатоци и лепак. Смесата со помош на шпакла нанесете ја на дупките и оставете ја да се исуши. Откако ќе го поставите новиот под од дрвени палети земете крпа и разредувач и поминете ги штиците поединечно со што ќе ги одстранете сите нечистотии како пилевина, прашина и слично. Последен чекор во поставувањето на овој под е нанесувањето восок или лак за дрво како заштитен слој на подот кој ќе му даде сјај и ќе го збогати самото дрво.

Compare listings

Compare