ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ПРИ ИЗБОРОТ НА МАТЕРИЈАЛ ЗА ВАШИОТ МЕБЕЛ

  • 1

При уредувањето на домот сè повеќе луѓе се одлучуваат за изработка на мебел по мерка, наместо за оној кој веќе го има во салоните за мебел.Предноста на мебелот по мерка е во можноста максимално да го искористите просторот, да направите комбинации на бои и стилови кои вам ви се допаѓаат и секако, сами да одлучите од каков материјал ќе биде изработено секое парче мебел.Што е она што треба да го знаете при изборот на материјалите, а што можеби вашиот мајстор нема да ви го каже?

Мебелот по мерка најчесто се изработува од медијапан и иверка. Медијапанот е дефинитивно подобар избор, но некои парчиња мебел може да бидат изработени и од иверка, а притоа да не се губи многу на квалитет или естетика. Медијапанот го има во 3 варијанти: – Фабрички нијансиран (го има во повеќе бои и е најевтина варијанта) – Фурниран (има шарки кои наликуваат на дрво и потребно е да се обработи, истружи и исфарба во боја по ваш избор) – Обичен (нема шарки, но подлежи на обработка како и фурнираниот, па овие 2 варијанти се поскапи од фабричкиот)

Кујна.

Најдобар материјал за изработка на кујнските елементи е медијапанот бидејќи е похомоген од иверката, а со тоа и поздрав и потраен. Од медијапан се изработуваат само вратничките на елементите, додека внатрешните полици и самата конструкција на кујната може да биде изработена од иверка. На овој начин ќе заштедите (медијапанот е релативно поскап од иверката), а во исто време ќе добиете квалитетна кујна. Доколку ваквата комбинација ви е скапа, кујната изработена комплетно од иверка пожелно е да има квалитетна кант трака, односно секоја вратничка да биде кантирана со abs трака.

"МЕДИЈАПАНОТ Е НАЈДОБАР ИЗБОР ЗА ИЗРАБОТКА НА КУЈНА"

Дневна соба. 

Овде можете да направите комбинација од иверка и медијапан. Комодата повторно од иверка, можеби и клуб масичката, но трпезариската маса од медијапан.Имајте предвид дека мебелот изработен од иверка не значи дека не е доволно добар, но трпезариска маса од медијапан изгледа многу поубаво отколку од иверка. Всушност, секое парче мебел е далеку поубаво кога е медијапанско, но ретко кој може да си дозволи медијапан низ целиот дом.Останатите парчиња мебел како разни плакарчиња, чевларници и слично може слободно да ги направите од иверка, освен елементите во бањата кои поради изложеноста на влага бараат поголема отпорност на истата. За бањата најпогодни се елементите од медијапан.

Спална соба или детска соба. 

Во овој дел од домот нема потреба од мебел изработен од медијапан, освен ако имате поголем буџет и сакате да си дозволите поквалитетен мебел. Комодата, наткасните, плакарите, сè може да биде изработено од иверка, но секое парче мебел ќе биде далеку поквалитетно ако се користи abs наместо обична кант трака.

Compare listings

Compare