Овој систем не произведува топлина туку само ја пренесува од едно на друго место по механички пат преку компресорот кој го движи фреонот низ целиот систем. На овој принцип функционираат фрижидерите, замзнувачите и клима уредите. Единствена разлика се воочува во тоа што топлотната пумпа се користи за греење. Кај фрижидерите испарувачот е внатре, додека кондензаторот се наоѓа надвор на задната страна. Сигурно сте ја забележале црната плоча на која се наоѓаат цевки кои се прилично топли кога компресорот на фрижидерот работи. Принципот на загревање на објект е сличен, со што во овој случај топлината од земјата се пренесува до просторот кој треба да се загрее. За таа цел се употребува топлотна пумпа вода-вода(течност-течност).Водата (или некоја друга течност) која се наоѓа во затворениот простор претставува посредник за пренесување на топлината од земјата , па со помош на топлотните пумпи ја пренесува во друг затворен систем- вода за загревање на просториите(радијатори, подно греење и слично.) Постојат неколку варијанти за изведба на овој систем, а се зависи од условите на теренот( дали станува збор за каменовит терен, дали лесно се копа или буши во длабочина).